Шар Планина

panoramaШар Планина се наоѓа во северозападниот дел на Р. Македонија. Масивот се протега североисток - запад - југозапад во должина од 80 км. (мерено по гребен), со површина од 1600 км2 и просечна височина на гребенот од 2200м. Започнува со реката Лепенец, односно со врвот Љуботен (2499м.), а завршува со Морава (2147м.) поточно со изворот на реката Вардар, Вруток.  

Шар Планинскиот масив спаѓа во млади верижни планини, со планинска клима која се карактеризира со студени зими и пријатни лета. Просечната температура во зимскиот период е -1,5 оС, а во лето 17 оС. Дебелината на снежната покривка во просек е 1м. со траење од четири месеци на височина над 1300м. Ветровите кои дуваат, најчесто се од северозападен правец.
 
Масивот го карактеризира богата флора и фауна. Изобилува со високо планински пасишта од 45000 хе, и високо стеблести, четинарски шуми, од кои најзастапени се високата ела и смрчата, а во пониските делови буковата и костеновата шума, која ја има до височина од 1700м. (10000 хе). На Шара се среќаваат над 200 ендемични растенија, што е највисок процент на ендемизам во Македонија. Застапеноста на фауната е исто така голема со над 44 видови дивеч од кои ги издвојуваме: рисот, срната, дивокозата, мечката и дивата свиња. Од птиците се издвојуваат повеќе видови на орли, соколи и јастреби. Надалеку познат е шарпланинецот кој е ендемски вид и гордост на Шар Планина и Македонија.

Посебна карактеристика на Шар Планина се т.н. Шарпланински Очи кои всушност претставуваат голем број на глацијални езера. Нивниот број е 25 постојани, 14 повремени и преку 150 локви. Водениот потенцијал на овој масив е огромен и брои преку 200 извори на чиста изворска вода. Од рудните богатства застапен е манганот, железната и хромната руда, молибденот, бакарот и други минерали.
 
Шар Планина брои голем број на врвови со височина над 2200м. Ги набројуваме почнувајќи од почетокот на протегање на масивот од северозападната страна: Љуботен (2499м.), Ливадица (2497м.), Пирибег (2524м.), Чаушица (2651м.), Бистрица (2571м.), Црн Врв (2585м.), Кобилица (2528м.), Вртоп (2555м.), Караникола (2409м.), Скакало (2493м.) кој потоа преки Бабаасаница се спуштаат во најубавиот и најатрактивниот дел на овој масив, а тоа е просторот на Лешница (1450м.) . Оттука се искачува на највисокиот предел на Шара каде се наоѓа највисокиот врв, Титов Врв (2747м.). Околу овј врв се наоѓаат уште неколку врва Церипашина (2525м.), Син Врв (2550м.), Казани (2567м.), Бакардан (2704м.) и Мал Турчин (2702м.), кои продолжуваат кон Џинибег (2610м.), Трапезница (2590м.), Борислаец (2675м.), Рудока (2658м.), Голема Враца (2582м.), Врв на Радика (2405м.), Расенгул (2386м.), Лера (2194м.) и Морава (2147м.) која постепено се спушта.
 
Шар Планина има огромен потенцијал за развивање на планинските спортови: скијањето, планинарството, алпинизмот, планинскиот трекинг, планинско велосипедство, параглајдерството, спортскиот лов и риболов, а и за изградба на повеќе ски-центри. Засега единствен ски-центар на Шара е Попова Шапка. Се наоѓа во средишниот дел на овој масив, над градот Тетово, во лулката под Церипашина. На овој локалитет се наоѓаат и сегашните ски-терени кои се со површина од 30 км2. Како ски локалитети можат да се развиваат уште поголем број на предели од овој масив како: љуботенско - ливадичкиот, пределот на Пирибег, кобиличкиот, лешничко - јелачкиот, вакуфскиот и пределот на Борислаец. Исто така овие предели можат да се користат и како центри за развој на планинарските и сите гореспоменати спортови.